Мората е уникат, по двапати си замина од Атлетико и Реал

Откако се официјализираше позајмицата на Алваро Мората од Атлетико Мадрид во Јувентус, стана јасно дека шпанскиот напаѓач ќе стане прв пример во историјата на фудбалот кој по двапати си заминал од двата најголеми мадридски клубови.

Мората оди во Јуве со надеж дека ќе ја добие минутажата која ја немаше во Атлетико, а за Старата дама од Торино го врзуваат многу убави спомени од двете сезони кои ги мина таму во минатото.

Алваро својата фудбалска приказна ја почна во Атлетико, каде што беше член на младите категории и беше меѓу оние деца кои се задолжени за додавање на топките. Таму остана до раните кадетски денови, а кога наполни 14 години, се почувствува дека не го ценат доволно, па си замина во 2008 година, и тоа во Реал Мадрид.

Мората играше за младинскиот Б тим на Реал, постепено напредуваше, а во 2012/13 година го имаше дебито и за првиот сениорски тим на Реал, кога екипата ја водеше Жозе Мурињо. Потоа за тренер дојде Карло Анчелоти, која на располагање ги имаше Бензема, Бејл и Роналдо, па Мората не доби преголема минутажа и побара да си замине. Премина во Јувентус за 20 милиони, но со опција да се врати во Реал за 30.

Во 2016 година, Реал го врати Мората, тој во таа сезона даде 20 гола, но беше резерва, па по вторпат побара да си оди од Кралскиот клуб. Беше продаден во Челзи за 80 милиони и стана јасно дека веќе никогаш нема да го облече белиот дрес на Реал. Но, и во Челзи не се прослави, па реши да потпише за Јорганџиите, и повторно старата песна.

Мората и кај Симеоне беше несреќен, па летово по вторпат си замина и од Атлетико. По вторпат се сели во Јуве, кој има опција да го откупи следната година за 45 милиони евра. Останува да се види како Мората ќе се снајде во Јувентус покрај Кристијано Роналдо, Дибала, Кулушевски, а можеби клубот ќе купи и уште еден напаѓач.

- Оглас -

Најнови вести