Мората му донесе несреќа на Атлетико, Солскјер на ПСЖ

Алваро Мората имаше неуспешно деби како напаѓач на Атлетико Мадрид, а Пари Сен Жермен го претрпе првиот пораз сезонава во француската лига, во меч на кој „светците“ беа „шпиунирани“ од тренерот на Манчестер јунајтед.

Атлетико Мадрид имаше серија од 19 натпревари по ред без пораз, но вчера во нивниот состав за првпат се појави Мората и екипата загуби. Атлетико беше совладан од Бетис со 1-0. Бетис на свој терен немаше победа против „јорганџиите“ уште од 2006 година, но појавувањето на Мората можеби беше малерот на Атлетико кој им помогна да ја прекинат црната серија.

Мората беше активен, над него беше направен и еден фаул, кој судијата можеше да го досуди и како пенал, но нема да може да побегне од тоа дека со него во тим Атлетико загуби, нешто што му се немаше случено од септември.

Норвежанецот Оле Гунар Солскјер до 17 часот беше на стадионот во Лестер, неговиот Јунајтед славеше со 1-0 и потоа тренерот веднаш се упати кон југот на Франција, во Лион, за од 21 часот да го гледа ПСЖ, кој им е ривал во осминафиналето на Лигата на шампионите. Парижаните поведоа со 1-0, а тогаш пред очите на Солскјер примија два гола и им заврши триумфалната серија. Од 2015 наваму, ПСЖ првпат загуби меч на кој водел 1-0.

- Оглас -

Најнови вести