Морати жали што не го довел Иниеста во Интер, а можел да го земе и Меси, но не сакал!

Поранешниот претседател на Интер, Масимо Морати, откри интересни детали од времето на неговото управување со европскиот гигант.

На прашањето дали има играч за кој жали што не успеал да потпише за Интер, Морати беше категоричен:

„Иниеста! Бевме во период кога имавме економска моќ. Не велам дека можевме да си го дозволиме секој играч во светот, но ситуацијата беше речиси таква. Се обидовме со Барселона, го испробавме секој дипломатски начин на сите фронтови. Дури и со посредници бевме таму лично, се обидовме да започнеме разговори. Барселона беше подготвена да продаде кој било играч, но не и Иниеста. Можевме да дадеме и нереална понуда, но сепак сами ќе се вратевме во Милано“, изјави Морати.

Морати интервјуто за „Кориере дела Сера“ го даде на 30-годишнината од преземањето на Интер, на чело на клубот беше од 1995 до 2013 година. Рече и дека сите играчи кои биле во Интер во незаборавната сезона 2009/2010, кога освоија тројна круна, а во тимот беше и Горан Пандев, ги сака и ги чувствува како свои деца.

Прв важен трансфер кој го направи како прв човек на Нераѕурите му беше Хавиер Занети, кој сега е потпретседател на Интер.

„Со моите деца гледав аргентинска лига. Го следевме Ариел Ортега, а гледајќи го него, на еден меч го забележав Занети. Испратив скаут во Аргентина. Ми се јавија од таму среде ноќ, уште еднаш гледав снимки од Занети и дадов зелено светло за почеток на преговорите за трансфер“, раскажа Морати.

Морати објасни и дека многу биле упорни и по 1.000 пати дневно му се јавувале на Бразилецот Роналдо пред да го купат од Барселона во 1997 година, а имале опција да го земат и Лионел Меси уште како тинејџер, но не сакале да го грабнат од Барса, каде што многу му помогнаа околу проблемот со растот.

„Го следевме Меси на Светското првенство за играчи до 18 години. Сакавме да го купиме, но кога слушнав што прави Барселона за неговите здравствени проблеми, се откажав, се колнам“, тврди Морати.

Интересна е неговата приказна и за можниот трансфер на Франческо Тоти.

„Сопствениците на Рома беа полни со долгови. Претседателот беше толку очаен, што ми го понуди Тоти, и тоа плачејќи. Тоти можеби ќе одлучеше да остане во Рома, но ние во Интер решивме да не се обидеме да го донесеме“, вели Морати.

За оваа последна изјава дојде и реакција од Росела Сенси, ќерката на некогашниот претседател на Рома, Франко Сенси.

„Бев изненадена и разочарана утрово. Жал ми е што ги читам зборовите на Масимо Морати за „Кориере дела сера“ во кои тој зборува за очајната Рома која му го понудила Тоти на Интер. Татко ми никогаш ни оддалеку не помислил да го продаде Франческо на некој клуб“, напиша госпоѓа Сенси на „Инстаграм“.

- Оглас -

Најнови вести