На португалскиот тренер Андре Вилаш-Боаш му бил вандализиран домот и притоа му била испратена морбидна закана, објави весникот „О Жого“.
Веднаш откако синоќа Вилаш-Боаш објави дека ќе се кандидира за претседател на Порто, на надворешната ограда од неговиот дом било напишано „предавник“, а потоа добил и уште пострашна закана и предупредување.
„Добив информација дека на Андре Вилаш-Боаш му биле испратени фотографии од неговите деца кои се снимени во училиште. Покрај фотографиите Вилаш-Боаш добил и застрашувачки пораки. Доколку ова е вистина, работата е многу сериозна и мора да се вклучи полицијата“, објави на „Икс“, Жоао Кеирош, поранешен вработен во фудбалскиот клуб Порто.
Андре Вилаш-Боаш го предводеше Порто од 2010 до 2011 година и успеа да триумфира во Лигата на Европа, во португалските Куп и Суперкуп и ја освои титулата во првенството. Потоа беше тренер и на Челзи, Тотенхем, Зенит, Шангај Сипг и Олимпик Марсеј.