Фудбалерите на Астон Вила победија на гости против Лидс со 1-2 во 12-тото коло од Премиер лигата. Херој на Вила беше Морган Роџерс, кој ги постигна двата гола во второто полувреме.
Лидс поведе уште во осмата минута, по прекин, но и со контроверзии. Од ВАР-собата стигна сигнализација дека играчот на Лидс бил во дозволена позиција. Нмеча највисоко скокна, го доби и голманот Мартинез во скок, и погоди за 1-0, што беше резултат и на полувремето.
Астон Вила имаше неколку обиди, седум удари кон голот, но ниту еден во рамките, па промена на резултатот немаше до заминувањето на одмор.
Унаи Емери веднаш на полувремето реши да менува – Матсен го замени Диња, а Мален влезе наместо Буендија.
Замените веднаш донесоа подобра игра. Мален нафрли во петерецот, а таму Морган Роџерс мајсторски ја протна топката покрај голманот во подалечниот агол за 1-1.
Астон Вила продолжи со нападите, а во 55-тата минута Воткинс се обиде со удар, но голманот Лукас Пери беше на место.
Подобрата игра Астон Вила ја круниса во 75-тата минута кога Морган Роџерс го постигна и вториот гол за 1-2, со маестрален шут од слободен удар.
Лидс возврати само две минути подоцна преку Џејмс, но неговиот гол беше поништен по интервенција на судиите, бидејќи Калверт-Луин претходно играл со рака.

