Светското фудбалско првенство е на прагот, но остануваат многу нејаснотии кои немаат никакви допирни точки со спортот. По започнувањето на воениот конфликт меѓу САД, Израел и сојузниците од една страна и Иран од друга страна, започнаа шпекулациите дека репрезентацијата на Иран нема да настапи на планетарниот собир.
Според одредени информации, сега се најавува нова шпекулација, а тоа е дека Шпанија може да се закани со повлекување од Светското првенство. Причина за зголемување на ваквите шпекулации е ескалацијата на дипломатската тензија по коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп. Првиот човек на САД отворено ја критикуваше Шпанија, која одби да даде дозвола за пристап на аеродромите на воените американски авиони кои се користат во нападите над Иран.
„Шпанија беше ужасна. Ќе ги прекинеме сите трговски контакти со нив. Не сакаме да имаме ништо со нив“, коментираше Трамп.
Сега останува да се види дали овие тензии ќе се префрлат и на спортски план. Во последните неколку месеци повеќе европски земји реагираа со закана за бојкот, но засега сè е сведено на шпекулации. Дури и Иран уште официјално нема ништо реагирано околу тоа дали нивната репрезентација ќе учествува на фудбалскииот планетарен собир, на кој првпат ќе има три земји домаќини, и тоа САД, Канада и Мексико.

