Може ли да се одложи дуелот Македонија – Германија?

Дождот кој со денови врне во Скопје сигурно ќе преставува проблем за фудбалерите на Македонија и Германија кои вечерва треба да играат на арената „Тодор Проески“ во Скопје. Во последниве неколку часа, во главниот град на Македонија врне пороен дожд, кој може да направи и неочекуван проблем за фудбалскиот спектакл.

Романците кои минатиот месец гостуваа на „Тодор Проески“ се жалеа на очајниот терен, па тревата на нашиот најголем стадион во последните неколку недели беше заштитена со тоа што не се играа клупски натпревари. Сепак, поројниот дожд кој и во моментов е во Скопје, може да преставува нов проблем.

Според правилата на ФИФА и УЕФА, мечот може да биде прекинат или да не се одигра ако на само еден дел од теренот има многу вода или кал, па топката да не може нормално да отскокне.

Останува до 20:45 часот да видиме каква ќе биде состојбата на теренот и дали дренажата ќе го издржи овој голем испит или може да се случи дуелот да биде одложен поради временски непогоди и да се одигра 24 часа подоцна, што е помалку веројатно ако се знае дека сите репрезентативци се под притисок што е можно побрзо да се вратат на клупските обврски.

 

- Оглас -

Најнови вести