Македонската ракометна репрезентација за кратко време ќе треба да се собере и да се фокусира на последните два меча од квалификациите за пласман на Европското првенство кое ќе се игра следната година. Лошо стои Македонија по првите четири одиграни кола затоа што има само една победа и дури три порази.
Пред нас се Словенија со максимални осум бода, а втора е Литванија, која има три победи и само еден пораз и е со шест бода. Токму во следното коло, на 7 мај, Литванија е домаќин на Словенија, која веќе го визираше местото на континенталниот собир.
Токму затоа, селекторот на Словенија, Урош Зорман, за гостувањето кај Литванија реши да игра со ракометари кои најчесто не ни добиваат шанса да бидат дел од репрезентацијата нa Словенија. Практично, Словенија ќе игра со „трет состав“ на ова гостување, што секако дава шанси Литванија да изненади. Доколку Литванија освои и еден бод, односно да не загуби, ќе биде сигурно втора на табелата на крајот од квалификациите.
Тоа би значело дека Македонија ќе мора како третопласирана да брка место на ЕП. Според пропозициите, од осумте групи, на континенталниот собир ќе играат четирите најдобро третопласирани селекции во квалификациите.
Сепак, традицијата треба да е на страната на Македонија, затоа што и да биде трета во групата, со евентуална победа над Литванија во последното коло и освоени два бода, треба да биде во групата на селекции кои ќе играат на ЕП 2026.