Точно една недела останува до стартот на Светското ракометно првенство на кое Македонија нема обезбедено учество. Сепак, остануваат надежите дека нашите најдобри ракометари може да бидат дел од завршницата. Македонија е прва резерва за настап на планетарниот собир, доколку некоја репрезентација се откаже.
Според сегашната ситуација, во чешката ракометна репрезентација постои „кризна состојба“. Вкупно осум ракометари се позитивни на Коронавирусот, плус двајца од стручниот штаб. Чешка го одложи пријателскиот меч против Фарски Острови и комплетниот состав е во карантин. Доколку остане оваа ситуација со многу заразени во селекцијата на Чешка, можно е да се случи да се побара од Македонија да влезе на Мундијалот како замена.
Покрај Чешка, во карантин е и селекцијата на Шведска, во чии редови има еден заразен ракометар. Овие две селекции се наоѓаат во иста група на СП и треба да играат со Чиле и домаќинот Египет. Македонија пред неколку дена имаше успешна контролка и славеше токму против Чиле.
Останува во следните неколку дена да се види каква ќе биде здравствената ситуација во репрезентациите кои имаат заразени со опасниот вирус и дали Коронавирусот на некој начин ќе го отвори патот на Македонија на завршницата на Мундијалот.