Селекциите на Хрватска и Шпанија вечерва (20.45 ч.) на стадионот „Де Кујп“ во Ротердам, ќе играат во финалето на третото издание на завршниот турнир во Лигата на нации.
Една од овие две репрезентации ќе им се приклучат на Портулалија и Франција, кои славеа на претходните два завршни турнири.
Последните пет години се најуспешните во историјата на хрватскиот фудбал, Коцкестите загубија во финалето на Светското првенство во 2018 година, беа трети на Мондијалот во Катар кој се играше минатата година, додека на ЕП 2021 обезбедија пласман во нокаут-фазата.
Хрватска во полуфиналето беше подобра од Холандија која ја совлада со 4:2 по продолженијата, Коцкестите во целост ги надиграа Лалињата, а еден од најдобрите играчи на теренот беше Лука Модриќ кој на 37 години игра како да е на почеток од кариерата.
Модриќ најави дека ова натпреварување или ЕП 2024 година ќе му бидат последни во репрезентативната кариера, а селекторот Златко Далиќ се надева на победа што би било круна на оваа генерација.
„Освојувањето на златниот медал би бил голема награда за оваа генерација. Не може да имаме поголем мотив од тоа. Против Холандија потрошивме многу енергија, но ќе се обидеме да се опоравиме. Во последните шест години, освоивме три медали, иако никој не веруваше дека можеме да направиме такво нешто. И покрај сите проблеми, покажавме дека имаме и карактер и квалитет“, изјави селекторот Далиќ.
Шпанија во полуфиналето ја совлада Италија со 2:1. Ова е прво големо натпреварување на Фуријата под водство на селекторот Луис де ла Фунте, кој имаше големи успеси на клупата на репрезентација до 21 година.
„Не очекува тежок и израмнет натпревар. Можеби имаме некои предности, некои работи мора да ги поправиме, но не очекува израмнет натпревар. Секоја екипа има свои предности“, изјави Де ла Фуенте.
Можни состави:
Хрватска: Ливаковиќ, Јурановиќ, Вида, Шутало, Перишиќ, Модриќ, Ковачиќ, Брозовиќ, Пашалиќ, Крамариќ, Иванушец.
Шпанија: Симон, Карвахал, Ле Норман, Лапорте, Алба, Родри, Руис, Асенсио, Гави, Фати, Мората.