Може ли ова да се случи и со Вардар? Навивачите на Хајдук за еден месец собраа 800.000 евра!

Хајдук од Сплит беше еден од четирите најголеми клубови во поранешна Југославија во чија лига која најчесто играше и македонскиот бренд Вардар. По распадот на СФРЈ, Хајдук ја задржа популарноста и тоа е клубот кој е гордост на Далмација.

Стадионот „Пољуд“ во Сплит е убедливо најпосетуваниот во хрватското првенство, а навивачите на Хајдук покажуваат голема љубов кон клубот. Минатата година имаше рекордни 90.000 навивачи кои платија членството во 2022 година, а со тоа дадоа и финансиска помош на клубот.

Челниците на Хајдук најавија дека сакаат во 2023 година да постават рекорд и по повод 112 години од постоење на клубот да стигнат до 112.000 навивачи со членски карти. На официјалниот сајт на Хајдук стои бројчаник, кој покажува колку членови има тимот од Сплит во 2023 година. За помалку од еден месец, односно само во 24 дена од Новата година, веќе има над 47.000 членови за Хајдук.

До минатата година, члeнарината чинела минимум 100 куни, а откако од 1 јануари 2023 година, кога за официјална платежна валута во Хрватска се промовира еврото, членарината е поставена на 20 евра. Тоа значи дека во клупската каса на Хајдук за овие 24 дена има над 800.000 евра само од навивачите кои со членарината само ја потврдуваат љубовта кон клубот.

Оваа акција што ја прават навивачите на Хајдук делува како фантазија за македонски услови за кој било спортски колектив. Дури и најголемиот спортски бренд кај нас, фудбалскиот клуб Вардар, кој е во најтешката ситуација од формирањето и е дел од Втора македонска лига, а важи за клуб кој има најмногу навивачи, е далеку од една ваква иницијатива.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести