Може ли вечерва времето да биде најголем противник на Хрватска?

Нема дилема дека Хрватска е многу поквалитетна селекција од таа на Словачка, а тоа се покажа на нивниот последен меѓусебен дуел кога Коцкестите на гости победија со 4:0. Сега, на стадионот во Риека, на домаќините доволно им е да не загубат, за да се радуваат на нов пласман на големо фудбалско натпреварување.

Хрватска е актуелен светски вицепрвак од Мундијалот во Русија пред две години, а како предводник на теренот го имаат Лука Модриќ, а во тимот ќе фалат Вида и Ловрен кои се суспендирани. Традицијата е на страната на Хрватска, бидејќи во досегашните 14 меѓусебни меча, Коцкестите имаат девет победи, три меча завршиле нерешено, а само два пати се радувала Словачка.

Ако гостите сакаат да останат во трка за место на ЕП 2020 ќе мора да бркаат токму победа, што е речиси невозможна мисија. Како еден од можните адути за Словачка ќе биде и времето. Во Риека постојано врне дожд, дува силен ветер, па теренот сигурно ќе биде тежок за игра. Во една таква ситуација може да се случи и еден кикс да биде клучен. Сепак, ако Хрватска одигра на нивото на кое знае да биде, нема дилеми дека во Риека вечерва ќе се слави пласман на континенталниот собир.

„Постои притисок, а жал ми е што порано не го обезбедиме пласманот на ЕП. И претходно реков дека ќе ни бидат потребни 15 бодови. Сите од нас очекуваат победа, а ние сме погдотвени. Нормално е да очекуваат победа, играме на домашен терен“, рече селекторот на Хрватска, Златко Далиќ.

 

- Оглас -

Најнови вести