Голем дел од шпанските медиуми денес пренесуваат речиси неверојатна информација. Имено, тие најавуваат комплетен пресврт во Барселона и можно останување на Чави Ернандес на тренерската позиција на клубот од Каталонија.
Жоан Лапорта неофицијално го замолил Чави да остане и следната сезона да биде тренер на Барселона бидејќи раководството е задоволно од неговата работа, но и поради тоа што соблекувалната, односно играчите му веруваат на сегашниот тренер и сакаат тој да продолжи да ги води од клупата.
Барселона оваа сезона најверојатно нема да освои ниту еден трофеј бидејќи е далеку од врвот во Ла Лига, а испаднаа од Купот на кралот. Сепак, Каталонците сè уште играат во Лигата на шампионите, но според игрите што ги прикажуваат, тешко дека ќе дојдат и блиску до трофејот од најквалитетното клупско натпреварување.