
Фудбалската репрезентација на Македонија е исправена пред нов голем предизвик. Сонот е да се учествува на Светско првенство, а може да стане реалност ако селекцијата на Гоце Седлоски направи уште два подвига и ги елиминира ривалите во плејофот за Мундијалот.
Кои ќе бидат „воините“ на Седло? Тоа е прашањето што си го поставува секој македонски навивач, а во моментов одговорот го има единствено селекторот. И секако, ќе ги крие адутите до последен момент, околу два часа пред почетокот на пресметката на „Паркен“.
Сепак, се наѕираат првите единаесетмина. Столе Димитриевски е неприкосновен на голот, во одбраната на стоперските позиции треба да бидат Ѓоко Зајков и Висар Муслиу, а дебитантот Себастијан Херера ќе делува на левата странична позиција. Андреј Стојчевски, кој на синоќешниот тренинг заработи повреда на лицето, треба да стегне заби и да игра на десната страна во одбраната.
Пред него се очекува да биде Дарко Чурлинов, а во средниот ред место има за Исник Алими, капитенот Енис Барди и Јани Атанасов.
Елиф Елмас ќе има поофанзивни карактеристики, а најистурен во нападот е Растодер, кој треба да добие шанса пред Миовски.

Данците имаат проблеми во одбраната. Ќе брани третиот голман Мадс Хермансен, а и Норгард, кој е играч за врска, ќе игра како стопер. Селекторот Брајан Ример и немаше многу решенија.
Искусниот Кристијан Ериксен најверојатно ќе остане на клупата, но во средниот ред се Хојбјерг и Хјулманд како главни креатори на играта, а во нападот ќе делува Расмус Хојлунд потпомогнат од Фрохолт.

