Репрезентациите на Италија и Македонија вечерва во 20:45 часот на „Олимпико“ во Рим ќе го одиграат квалификацискиот натпревар за пласман на Европското првенство, дуел кој за нас нема резултатско значење, но за Италијанците има и тоа големо.
Селекторот на Италија, Лучано Спалети, мечот ќе го започне со тројца напаѓачи со цел што е можно побрзо да го отвори резултатот против Македонија и да не ги повтори грешките од неговите претходници, кои играа нерешено во Торино и загубија во Палермо. Сепак, и Спалети киксна со Македонија на првиот натпревар во Скопје.
Италијанците се очекува да започнат со незаменливиот Донарума на голот, а одбранбената линија ќе ја сочинуваат Дармиен, Гати, Ачерби и Димарко. Во средината треба да стартуваат Барела, Жоржињо и Бонавентура, додека во нападот Берарди, Распадори и Кјеза.
Репрезентацијата на Македонија се очекува да започне со најсилниот можен состав што го има на располагање селекторот Благоја Милевски во моментов. Тоа значи дека на голот ќе биде Димитриевски, во одбраната Манев, Серафимов и Муслиу, Алиоски лево и Ашковски десно на фул-бек, додека во средниот ред со Елези, Атанасов и капитенот Барди. Во нападот се очекува да започнат Елиф Елмас и Бојан Миовски.