Фудбалската репрезентација на Македонија во вечерашниот натпревар (Арена „Тодор Проески“ во Скопје, почеток 20.45 часот) од квалификациите за ЕВРО 2024 на клупата ќе го нема суспендираниот селектор Благоја Милевски, но тој ќе биде во комуникација со соработниците и ќе треба да направат стратегија како до поволен резултат.
Во март, Македонија ја победи Малта и со три бода влегува во дуел со Украина, која одигра еден меч, против Англија, и загуби.
Украинците се физички посилни, имаат играчи кои играат во големи клубови, па веројатно нема да се залетуваме, туку трпеливо ќе се чека шансата. Наш проблем е што некои од клучните играчи не играат редовно во своите клубови, но домашниот терен и мотивацијата ни се адутите.
Се очекува на голот да биде Димитриевски, со Велковски, Муслиу и Зајков како бедем пред него, а бековите Ристовски и Алиоски ќе имаат и офанзивни и дефанзiвни задачи.
Средината на теренот ќе ја држат Адеми, Барди и Елмас, а според некои најави, напред би требало да бидат Трајковски и Милан Ристовски, иако не се исклучени и други опции.
Селекторот на Украина, Сергеј Ребров, за овој натпревар ги нема сите на располагање, фали ѕвездата Зинченко, но тука е искусниот Јармоленко кој ни даде гол пред две години на ЕП во Букурешт.
Украинците пред некој ден дадоа три гола на пријателски меч против Германија и тоа кажува за нивниот офанзивен капацитет. Опасно е и крилото Михајло Мудрик, за кого Челзи зимоска плати околу 100 милиони евра, ќе треба да посвети внимание и на Циганков и Довбик, а тука е и Малиновски, кој можеби нема да биде стартер.