Фудбалските репрезентации на Македонија и Англија вечерва со почеток во 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе го одиграат натпреварот од последното коло од квалификациите за пласман на Европското првенство во Германија. Англија веќе е таму, а Македонија нема ниту теоретски шанси за пласман на континенталниот собир.
Сепак, двете репрезентации ќе играат за престиж и ќе се обидат да дојдат до победата, односно до поволен резултат, што за нас би било и реми против големиот фаворит. Токму затоа селекторите Милевски и Саутгејт нема да експериментираат со составите и на тревникот ќе истрчаат со најсилните состави.
Во нашиот состав се очекува на голот да започне Столе Димитриевски, а одбранбената линија да ја сочинуваат Висар Муслиу, Никола Серафимов и Стефан Ашковски. Бојан Димоски и Езџан Алиоски ќе бидат фул-бекови и ќе треба да покриваат и во дефанзивата и во офанзивата. Елези и Атанасов ќе бидат во средината пред стоперите, додека Барди ќе биде задолжен со топки да ги храни Ристовски и Елмас во нападот.
Селекторот на Англија, Герет Саутгејт, се очекува мечот да го започне со Џордан Пикфорд на голот и со четворка во одбраната, која ќе ја сочинуваат Кајли Вокер, Хари Мегваер, Марк Гехи и Рико Луис. Средната линија се очекува да ја сочинуваат Деклан Рајс, Келвин Филипс и Трент Александер-Арнолд, додека најопасни по нашиот гол ќе бидат Џек Грилиш, Хари Кејн и Бакајо Сака.