Фудбалската репрезентација на Македонија од 18 часот на Националната арена во Скопје ќе ја има генералната „проба“ пред гостувањето во Кардиф и мечот за второто место против Велс. Во Скопје гостува Летонија во меч кој има пријателски карактер, а очеувањата се дека селекторот Благоја Милевски ќе комбинира, но нема да експериментира со составот.
Летонија во никој случај не може да го глуми Велс, но Македонија ќе игра подефанзивно и ќе му остави простор на противникот да нападне, а одбраната и дефанзивните фудбалери од средниот ред ќе треба да ги спречат противничките напади и брзо да се трансформираат во офанзива и да го загрозат противничкиот гол.
Селекторот ќе ги нема на располагање Висар Муслиу и Јани Атанасов за овој натпревар.
Летонија во својата квалификациска група за пласман на Светското првенство има само една победа и вкупно пет бода. Мечот против Македонија и за нив е шанса да испробаат нови варијанти, но и да покажат пред својата јавност дека сепак поседуваат квалитет.



