Фудбалската репрезентација на Македонија попладнево од 18 часот во Анталија ќе го одигра вториот контролен натпревар годинава, и тоа против Црна Гора, со надеж дека ќе се покажеме во подобро светло отколку на дуелот со Молдавија, кога ремизиравме 1-1.
Македонскиот селектор Благоја Милевски најави неколку измени во составот во однос на тој што почна против Молдавија и не е лесно да се предвиди какви му се идеите, но јасно е дека некои од главните играчи сигурно нема да бидат на клупата за резерви на овој меч со квалитетен противник.
На голот треба да започне Столе Димитриевски, кој е неприкосновен, тројката пред него треба да ја сочинуваат Серафимов, Муслиу и Манев или Илјазовски.
Во средината на теренот би требало да оперираат Барди, Елмас, Елези, Алиоски и Димоски оперираат странично, додека задолжени за постигнување голови ќе бидат Миовски, кој погоди против Молдавија, и крилниот напаѓач Чурлинов како поддршка.
За разлика од Милевски, селекторот на Црна Гора, Роберт Просинечки, нема дилеми кои 11-мина треба да почнат и не го криеше тоа. Освен капитенот Јоветиќ, кој пак ќе почне од првата минута, останатите десет стартери се нови во однос на дуелот со Белорусија, кој го добија со 2-0. Командант на одбраната ќе им биде Стефан Савиќ од Атлетико Мадрид.