Се ближи финишот на сезоната како во најголем дел од домашните шампионати, така и во елитните натпреварувања на УЕФА. Во Лига на шампиони, Лига на Европа и Конференциска лига останаа по четирите екипи, кои се во трка за трофеите.
Тоа што е специфично за оваа сезона е дека во сите три натпреварувања, во завршницата останаа екипи кои се од главниот град на Англија, Лондон.
Арсенал атакува на трофејот во Лига на шампиони, Тотенхем ќе се бори за пехарот во Лига на Европа, а Вест хем е дел од завршницата во Конференциската лига. Иако има уште да се игра, веќе се започна со калкулации за тоа како сите три трофеи од европските натпреварувања може да завршат во ист град, Лондон.
Вакво нешто досега никогаш не се случило. Низ историјата на УЕФА натпреварувањата, само еднаш имало во една сезона сите три најзначајни трофеи од УЕФА да завршат во една земја. Тоа беше во сезоната 1989/90 кога во тогашниот Куп на Европски шампиони победи Милан, во Купот на УЕФА трофејот го освои Јувентус, а во Купот на Куп победниците најдобра беше Сампдорија.
Италија е првата и единствена земја што ги обединила сите најважни клупски трофеи на УЕФА во една сезона, а сега лондонските екипи ќе се обидат да го промовираат главниот град на Англија, како прв кој ги обединил трофеите во Лига на шампиони, Лига на Европа и Конференциска лига.