Се чини дека Салцбург ќе мора да го пушти Ерлинг Халанд во јануарскиот преоден рок. Претставници на норвешката сензација во текот на последното коло од групите во ЛШ имале два состанока со бундеслигашите Лајпциг и Борусија Дортмунд, на кои главна тема била трансферот Халанд.
Лајпциг и Дортмунд се екипите кои се најблиску до потписот на одличниот напаѓач и засега понудија најдобри услови со кои Халанд може да продолжи да се развива во фудбалер од светска класа. Црвените бикови имаат желба да го доведат Норвежанецот и да создадат опасно напаѓачко дуо заедно со Тимо Вернер, додека на Милионерите им е потребна нова „деветка“ бидејќи Алкасер е често „во аут“ поради повреди.
Талентираниот голгетер е цел речиси на сите европски гиганти, кои бурно го следат неговиот прогрес во дресот на австрискиот првак. Сосема заслужено Халанд е меѓу надобрите млади играчи на Стариот Континент. Засега неговиот учинок стои на 28 гола на 22 меча во сите натпреварувања, од кои шест ги постигна во Лигата на шампионите.
Доколку го одбере Лајпциг, Халанд може да игра во нокаут-фазата од Лигата на шампионите, додека со евентуална преселба во Дортмунд, односно останување во Салцбург до крајот на сезоната ќе може да настапи во Лигата на Европа.