Фудбалскиот шампионат на Јужна Америка брои денови до почетокот, но станува многу опасно и неизвесно дали ќе се одржи по откажувањето на Колумбија како еден од организаторите заедно со Аргентина.
Дел од јужноамерканските медиуми објавија четири варијанти, а меѓу нив е и опцијата повторно да се одложи шампионатот, што првично требаше да се игра лани.
Во игра за спас се Чиле и Парагвај, земји кои се споменуваат како можна опција за кодомаќини со Аргентина во организацијата на шампионатот планиран да се игра од 13 јуни до 10 јули.
Ако една од тие две земји прифати да биде домаќин, тогаш нема да има пречки турнирот на најдобрите јужноамерикански селекции да се одигра во предвидениот термин.
Понуда до КОНМЕБОЛ за домаќинство на турнирот со Аргентина испратија Соединетите Американски Држави, но Јужноамериканската фудбалска конфедерација сака турнирот комплетно да се одигра во Јужна Америка.
Вкупно 10 репрезентации ќе играат на шампионатот, а познат е и распоредот на натпревари за А групата во која се Аргентина, Уругвај, Чиле, Парагвај и Боливија. Тие пет селекции ќе играат во четири градови во Аргентина.
За Б групата, во која се Бразил, Колумбија, Перу, Венецуела и Еквадор, сè уште не е позната земјата домаќин и се очекува одлука од Чиле и Парагвај, или од една од тие две земји да се приклучи во организацијата на Копа Америка.