Ливерпул се израдува на првиот трофеј сезонава откако тимот на Јирген Клоп триумфираше во Лига купот. Навивачите на Ливерпул сега очекуваат уште многу радости и нови титули до крајот на првенството.
Теоретски, Ливерпул е во потера на освојување „покер“ или „квадропл“, како што велат Англичаните. Со освоениот трофеј во Лига купот, екипата е во трка за тутулите во ФА купот, во Премиер лигата и во Лигата на шампионите.
Досега ниту еден англиски тим немал сезона со четири титули. Легендарниот тим на Манчестер јунајтед од 1999 година освои „трипла“ со освојување на Лигата на шампионите, Премиер лигата и ФА купот.
За да стигне Ливерпул до чудо и до четири титули во една сезона, ќе мора да одигра дури 22 натпревари само за 87 дена и, нормално, да победува на сите фронтови. Во Лигата на шампионите англискиот тим има предност од 2:0 против Интер и реваншот го игра на „Енфилд роуд“, па практично е во четвртфиналето. Вечерва Ливерпул игра во ФА купот против Норвич во осминафиналето на ФА купот, а во Премиер лигата заотанува шест бода зад лидерот Манчестер сити, но има и меч помалку.

