Британскиот медиум „Сан“ утринава изненади со информацијата дека Жозе Мурињо би можело и по третпат да биде менаџер на Челзи. Експредводникот на Манчестер јунајтед и натаму е без работа по отказот кој го доби во декември, а откако беше поврзуван со неколку клубови од Италија, Франција, па и Њукасл, дојде ред неговото име да се спомне и на „Стемфорд бриџ“.
Португалецот несомнено е најуспешен менаџер на Сините во ерата на Роман Абрамович. Во двата претходни престои во Западен Лондон освои вкупно осум трофеи, меѓу кои најважните се трите титули во Премиер лигата. Миленикот на сината навивачка база разочара со изборот да го води Манчестер јунајтед, но немањето опции го доведе раководството на Челзи да размислува за услугите на контроверзниот Мурињо.
Сепак, и понатаму Френк Лампард е фаворит за преземање на работата од Маурицио Сари, кој во следниве неколку дена ќе биде претставен како нов тренер на италијанскиот шампион Јувентус.