Денеска, точно напладне ќе се одржи ждребот за осминафиналните дуели од Лигата на шампионите.
Како никогаш досега, не било вака неизвесно околу тоа кој со кого ќе се падне во првата елиминациска фаза од најелитното натпреварување.
Според сите анализи, постои голема шанса да гледаме дуел меѓу ПСЖ и Реал Мадрид, односно да го видиме Мбапе пред летниот трансфер-период на „Сантијаго Бернабеу“ заедно со Лео Меси и Нејмар.
Ќе биде доста интересно и да се види каде ќе се падне актуелниот првак Челзи кој исто така заврши второпласиран во својата група, каде што на чело напред финишираше Јуве.
Јасно е дека голем дел од второпласираните екипи, односно тие што можат, би го избрале Лил, додека лидерите се надеваат дека нема да се паднат со ПСЖ, Интер или евентуално Атлетико Мадрид.
Сепак, конечните парови ќе ги видиме во 12 часот, за кога е закажан денешниот ждреб.
Како што е добро познато, екипите што играа меѓусебно во групната фаза не можат да се сретнат, а тоа важи и за тие што доаѓаат од иста држава.
НОСИТЕЛИ: Ајакс, Баерн Минхен, Јувентус, Ливерпул, Лил, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Реал Мадрид.
НЕНОСИТЕЛИ: Атлетико Мадрид, Бенфика, Челзи, Интер, ПСЖ, Лајпциг, Спортинг Лисабон, Вилјареал.