Вистински фудбалски земјотрес се случува во Шпанија вечерва, откако Реал Мадрид ги бојкотираше сите активности поврзани со финалето на кралскиот Куп. Причината за ваквиот потег е појавувањето во јавност на главниот судија, Бенгоечеа, како и на ВАР судијата, Фуертес, кои се делегирани за финалето против Барселона. Тие обвинија дека им се прави притисок преку клупската телевизија на Реал Мадрид, а Бенгоечеа дури и раскажа дека неговиот син бил малтретиран на училиште поради тие видеа.
Раководството на „кралевите“ ги бојкотираше прес-конференцијата, официјалното фотографирање, но и заедничката вечера на двете екипи и претставниците на Фудбалскиот сојуз. Барањето на Реал е да бидат променети судиите, но од судискиот одбор и од ФС на Шпанија се категорични дека такво нешто нема да се случи.
Некои шпански медиуми пренесуваат дека „кралевите“ се подготвени да го бојкотираат и финалето и воопшто да не истрчаат на терен, а тоа би значело службена победа за Барселона и трофејот би патувал за Каталонија без игра.
„Релевао“ објавува дека доколку се случи најцрното сценарио, Реал Мадрид ќе го изгуби правото да учествува во шпанскиот Куп за следната сезона.