Манчестер сити и Ливерпул се подготвени за епски финиш на сезоната во трката за шампионската титула. Актуелниот првак моментално е лидер на табелата со 92 бода, Црвените од „Енфилд“ имаат еден бод помалку, така што еден кикс на која било екипа во последните два натпревари ќе го одреди новиот фудбалски владетел на Англија.
Но, што ако по последните две кола Сити и Ливерпул имаат еднаков број бодови и бидат израмнети во гол-разликата? Има неколку можни сценарија според кои може да се закаже дополнителен плејоф-дуел меѓу главните конкуренти за да се добие новиот шампион.
Доколку по крајот на сите 38 првенствени меча Сити и Ливерпул имаат еднаков број бодови, тогаш Граѓаните би биле шампиони поради подобрата гол-разлика, но има математика која вели дека фудбалерите на Јирген Клоп можат да се израмнат со Граѓаните и во таа статистика.
Моментално Сити има гол-разлика од +68 (90 дадени и 22 примени гола), додека Ливерпул е послаб со +64 (84 дадени и 20 примени гола).
МОЖНИ СЦЕНАРИЈА ПО КОИ МОЖЕ ДА СЕ ИГРА ПЛЕЈОФ-НАТПРЕВАР
Ливерпул да победи со 5-0 и да загуби со 2-1, Сити да ремизира во двата меча со 0-0.
Ливерпул да победи со 4-0 и да ремизира со 3-3, Сити една да победи со 1-0 и еден меч да загуби со 1-0.
Ливерпул во два наврати да ремизира со 3-3, Сити да загуби со 4-0 и да ремизира со 0-0.
Ливерпул да загуби со 4-3 и да ремизира со 3-3, Сити да загуби со 3-0 и 2-0.
Ливерпул во следното коло гостува кај Њукасл, додека во 38-то коло го пречекува Вулверхемптон. Сити, пак, во понеделник ќе му биде домаќин на Лестер, додека во последното коло гостува кај Брајтон.
Ако се случи едно од овие четири сценарија, тогаш за првпат во историјата на Премиер лигата може да се организира дополнителен натпревар со кој ќе се добие новиот шампион.
Иако имало претходно обиди, Англичаните од елитата никогаш претходно не посведочиле на натпревар од ваков тип. Можеше да се случи во сезоната 1995/96, кога за титулата се бореа Манчестер јунајтед и Њукасл. Премиер лигата имаше предвид и дури продаваше билети за можниот плејоф-натпревар, но на крајот Црвените ѓаволи станаа шампиони со четири бода предност во однос на Њукасл.