Рафаел Надал има лош старт на новата тениска сезона, победувајќи само на еден од четирите меча што ги одигра. Шпанскиот тенисер кој минатата година триумфираше на Отвореното првенство на Австралија, сега испадна во второто коло откако се пожали на повреда.
По овој неуспех, Надал загуби многу бодови и падна на шестото место на АТП-листата. Според проценките, на некогашниот број 1 ќе му требаат шест до осум недели за рехабилитација.
Тоа значи дека Надал може да го пропушти и Мастерсот Индијан Велс во САД, кој се игра од 8 до 19 март. Минатата сезона тој загуби во финалето на Индијан Велс, што значи ако не настапи, ќе загуби голем број бодови и ќе испадне од Топ 10 на АТП листата.
Ако се случи Надал да испадне од Топ 10 на АТП, тоа ќе биде првпат по пауза од 18 години. На 10 април 2005 година, Надал првпат влезе во Топ 10 и оттогаш постојано е меѓу најдобрите во светот.