Италијанскиот фудбал претрпе вистинска катастрофа во самата завршница на двата еминентни европски купови, Лигата на шампионите и Лигата на Европа, а билансот на калчолигашите е само едно реми, пет порази и елиминација на гигантите од Милано, Интер и Милан, и на Наполи.
За нивна среќа, неуспесите на Јувентус во Берн против Јанг бојс, на Рома против П’лзењ и на Лацио со Ајнтрахт Франкфурт не беа кобни, па овие три екипи останаа во натпреварувањата каде што ја започнаа својата одисеја.
Шокантна е елиминацијата на Интер од Лигата на шампионите, по ремито 1-1 со отпишаниот ПСВ Ајндховен, иако „нераѕурите“ сами си ја кроеја судбината и со победа ќе продолжеа понатаму во најскапото клупско натпреварување на Стариот Континент. Вака ќе мораат да продолжат во Лигата на Европа, но и тука се случи уште еден дебакл на екипа од Калчото.
Во Лигата на Европа ќе го нема Милан, по поразот во Атина од Олимпијакос, што значи ќе нема ниту евентуално дерби „Дела Мадонина“ во ова натпреварување.
Црната седмица проткаена со порази и без ниту една победа во шест настапи ја заокружи Наполи, кој испадна од ЛШ, па ќе продолжи во Лигата на Европа, заедно со Интер и со Лацио.
Јувентус и Рома ќе ја претставуваат Чизмата во Лигата на шампионите и ја очекуваат ждрепката во Нион, во понеделник на 17-ти декември.