Човекот кој испиша историја како прв македонски селектор кој ја однел фудбалската репрезентација на едно Европско првенство, Игор Ангеловски, во моментов е топ фаворит за преземање на тренерското место во турскиот гигант Фенербахче. Според турските медиуми, популарниот Мрме имал средба со претседателот Али Коч и можеби уште денеска ќе биде официјализирана соработката.
Но, работата уште не е 100 отсто готова, во минатото во Фенер имало пресврти, па затоа додека не потпише македонскиот стручњак, не може со сигурност да се тврди дека тој ќе биде новиот шеф на стручниот штаб на истанбулските жолто-сини.
Кандидати за местото се и Ненад Бјелица и Марко Силва, но Ангеловски бил личен фаворит на Коч, кој треба да ја донесе конечната одлука.
Ангеловски како тренер на Работнички има приредено сензација со елиминација на Трабзонспор во квалификациите за Лигата на Европа и во Фенербахче тоа се смета за голем плус за него. Тој е тренер кој практикува офанзивен фудбал, а Фенербахче како тим кој секогаш има шампионски амбиции, сака да игра на гол повеќе.