Игор Ангеловски сè уште ја чека првата победа како кормилар на Горица во хрватското првенство, но и по 8 кола откако стана кормилар на фенерџијата во ХНЛ, сè уште нема триумф.
Денеска популарниот Мрме и неговите избраници потклекнаа против Хајдук во Сплит и загубија со 3:1 во заостанат меч, а пак им се појави истиот проблем.
Гостите што веќе 8 кола во ХНЛ ги предводи поранешниот македонски селектор пак имаа исклучен играч и со десетмина на теренот загубија од гигантот.
Трендот на црвени картони кај Горица мора да го загрижи Ангеловски бидејќи на осумте меча на кои тој им е тренер имаа исклучувања дури на пет од нив.
На шега се коментира дека тимот игра грубо и е хрватскиот Вимблдон од 80-те и 90-те години на минатиот век, кога тимот од Лондон го нарекуваа „Лудата банда“ предводени од фудбалските „касапи“ Вини Џонс, Денис Вајс, Џон Фашану, Тери Филан, Клајв Гудјиар…
Горица е последна на табелата во Хрватска со шест бода, двојно помалку од Риека, првата екипа пред нив во конкуренција на 10 клуба во елитната лига на оваа земја.