Штипјанецот Петар Мијалков неодамна стана шампион на источно-европскиот БМУ шампионат во мотоциклизам, успех каков што ретко се среќава кај нас и со кој треба да се гордее цела Македонија.
Со моќни настапи, стабилни резултати и карактер што не отстапува пред предизвиците, Петар ја испиша една од најубавите страници во историјата на нашиот мотоспорт.

Мијалков беше најдобар во класата Ф 1000 во конкуренција на вкупно 58 натпреварувачи од Турција, Бугарија, Грција, Романија, Србија, Хрватска, Кипар… Годинава се возеа 18 трки, а Петар беше најдобар во генералниот пласман и ја освои титулата, откако лани беше втор.

„Чувството да се биде прв е неописливо, преголема е честа да го вееш македонското знаме на европска сцена. Желбата за следната година е да одиме во повисока класа, сè уште не сме одлучиле дали ќе биде СТК 1000 или СБК 1000, зависи колку средства ќе имаме и финансии“, раскажува Мијалков.
Штипјани во чест на успехот на нивниот сограѓанин шампион организираа шампионски круг со мотори низ градот.

„Нивната поддршка беше преголема, никогаш нема да ја заборавам, упатувам огромна благодарност до сите“, вели Мијалков.
Мијалков во 2017 година го купи својот прв мотор, а во 2023 почна да се натпреварува и неговите резултати се импресивни за некој со толку мало искуство. Тој веќе имаше чест да настапува на некои од најпознатите патеки во Европа, а има и една засега неостварена желба.
„Омилена патека на која уште немам возено, а многу би сакал да возам на неа е ‘Мугело’ во Италија“, открива штипјанецот.
Петар следи фудбал, но не премногу, а омилен тим му е Барселона.
Прифати да состави хуманитарен тикет, иако уште е во славеничко расположение, и тоа не само поради титулата во БМУ шампионатот. Пред четири дена неговата сопруга Стефанија на свет ја донесе ќерката Деана. Тоа е второ дете на парот кој три години е во брак, го имаат и синот Драган.

По оваа радост на личен план, Петар ќе има уште повеќе мотиви за поуспешно претставување на Штип и Македонија на патеките низ Европа.


