Динамо Загреб одби да го продаде капитенот Аријан Адеми во летниот преоден рок, за македонскиот репрезентативец беше отфрлена одличната понуда од Лил вредна 6,5 милиони евра, но според најавите, по Нова година ќе има разделба.
Адеми и соиграчите имаат одлична сезона, први се во ХНЛ, а на прагот се да го освојат и првото место во својата група во Лигата на Европа. По долг период чекање, Динамо ќе презими во Европа, но Адеми веројатно нема да биде дел од тимот во продолжението од актуелната сезона.
Популарните „модри“ велат дека постапиле исправно кога ја одбиле понудата на Лил за ангажман на Адеми. По неговите добри настапи и на неговиот тим, цената е порасната и според информациите од Хрватска, македонскиот репрезентативец е прв на листата за заминување.
Аријан има само 27 години, велат дека е на врвот на својата кариера и време е за трансфер во голем клуб.
Претходно, тој ќе ги доигра натпреварите од Лигата на Европа и во ХНЛ, а веќе денеска се очекува со капитенската лента да го предводи Динамо против Фенербахче во Истанбул. Клуб за кој во првиот состав игра Елиф Елмас.
Мечот се игра од 18.55 часот.