Чави Ернандес е позитивен на Ковид-19, како што самиот објави и денеска наместо на терен, како менаџер на катарски Ал Сад замина во карантин.
Легендата на светскиот фудбал вечерва од 18 часот требаше да командува со домашниот тим на „Јасим Бин Хамад“ стадионот во Доха, на рестартот од сезоната во Катар, но ќе мора да мирува најмалку 7 дена.
Мечот би требало да се игра, бидејќи нема најави за евентуално одложување, иако Чави има позтивен тест на Ковид-19.
Катарското првенство беше прекинато во март поради пандемијата со Коронавирус по некомплетното 18. коло, а денеска продолжува со два меча. Ал Сад е актуелен шампион, но моментно е на третото место со 32 бода, 10 помалку од лидерот Ал Духаил и девет од второпласираниот Ал Рајан.
Чави е член на Ал Сад од 2015 година, кога по 17 години минати во Барселона ја прифати понудата на богатите катарски шеици и до лани играше активно за тимот што е рекорде во земјата со 14 титули.
Од лани е само тренер на Ал Сад, а според најавите од Шпанија Барселона е заинтересирана да ја врати својата легенда како шеф на стручниот штаб.