Му се стемни на Пролет, стартот во Лигата на Европа е против 13-кратниот шпански првак

Пролет немаше среќа на ждрепката за првото коло во квалификациите за настап во Лигата на Европа на ЕХФ и ќе има многу тешка задача да направи подвиг против шпански Гранолјерс.

Единствениот македонски претставник во филтер-рундата ќе биде домаќин на првиот меч што ќе се игра на 28 или на 29 август, а потоа ќе гостува во Шпанија една седмица подоцна.

Еурофарм Пелистер директно ќе игра во фазата по групи во Лигата на Европа на ЕХФ, а од натгпреварувањето се откажа Металург.

Пролет ќе мора да мине низ квалификациите ако сака да им се приклиучи на битолчани, но Гранолјерс е многу тежок противник.

Шпанскиот тим е ракометен великан со 13 титули и е втората најтрофејна екипа во својата земја, зад Барселона со 28 шампионски круни.

Во првенството на Шпанија го освои четвртото место, зад шампионот Барселона, Бидасоа Ирун и Ла Риоха.

Денеска имаше и ждрепка за женскиот европски куп, а четири македонски екипи ги дознаа своите противници.

Металург ќе игра со Дуделанж од Луксембург, ЖРК Вардар за противник ја има Приштина од Косово, Чаир ќе игра со Х71 од Фарски Острови и Деспина Прилеп ќе игра против Скара од Шведска.

 

 

- Оглас -

Најнови вести