Работнички успеа да слави важен триумф (3-4) на гости против АП Брера и конечно се придвижи бодовно напред, во ова 19.коло од Првата фудбалска лига. По двата порази на стартот на пролетта, избраниците на Муарем Муарем стигнаа до три бода на гостувањето во Струмица.
Тоа е прва гостинска победа за тимот од Дебар Маало и втора воопшто оваа сезона во шампионатот. Ова е прв триумф за Муарем Муарем како шеф на стручниот штаб на Работнички.
„Ова е многу важна победа за Работнички. Имавме неверојатен притисок, дека мора да се победи, затоа што знаеме каде се наоѓаме на табелата. Им честитам на момците, покажаа дека имаат карактер и видов дека имаат огромна желба да стигнеме до оваа победа. Не беше лесно, тежок терен, игравме против Брера која стартуваше добро во пролетниот дел, но покажавме дека има квалитет во овој тим на Работнички. И ќе се бориме до крај, верувам дека сега сите имаме и малку поголема самодоверба и ќе се трудиме да победуваме на секој нареден натпревар“, изјави Муарем Муарем, тренерот на Работнички.
Во следното, 20.коло од Првата фудбалска лига, Работнички на домашен терен го пречекува Шкупи.

