Живко Мукаетов останува претседател на Ракометната федерација на Македонија, беше одлучено на денешната седница на Управниот одбор. Иако постоеја опции Мукаетов да се повлече од функцијата прв човек на РФМ, тој денеска потврди дека останува на чело на Федерацијата. Со Мукаетов на чело, Македонија нема пропуштено ниту едно Европски и Светско првенство, што само зборува за успехот што го има ракометот под негово водство.
„Мислам дека не е време за повлекување од функцијата, особено по сите настани во последните два месеца, по оваа енергија што ја имаме во ракометот, како и обврските кои следуваат, Европско првенство кое се намачивме да го добиеме, имаме кадетско светско првенство. Моментот не е најповолен за повлекување од функцијата, мислам дека по девет години, не е добро да се повлечам. Годинава треба да се носиме со сите предизвици, треба тимски да се бориме за доброто на ракометот, заедно да го постигнаме она што ни е поставено како цел. Мислам дека политиката треба да се држи надвор од ракометот. Сакам да потврдам дека поддржуваме заедно да се носиме со новите предизвици, заедно да го движиме ракометот кон успеси. Да градиме подобри резултати во македонскиот ракомет’, рече Мукаетов на седница на Управниот одбор.
На седницата беше потврдено дека РФМ доби организација на Светско првенство во женска кадетска конкуренција за девојчиња до 18 години.
Беше одлучено и дека Купот на Македонија во машка и женска конкуренција оваа година ќе се одржи во салата „Јасмин“ во Кавадарци, и тоа од 13 до 15 мај.