Помалку од 100 денови остануваат до стартот на уникатното Светско фудбалско првенство. За прв пат еден Мундијал ќе се игра во три земји (САД, Канада и Мексико) и за прв пат ќе има 48 репрезентации. Уште неколку работи ќе се случат за прв пат на планетарниот собир, а една од нив е тоа што секое полувреме ќе има „телевизиски тајм-аут“.
Според планот, на секој меч, во секое полувреме ќе има мала пауза за да може да се емитуваат телевизиски реклами. И од ФИФА потврдија дека се воведени триминутни паузи за да може да има реклами на ТВ, но и да има хидратација за играчите во топлиот период.
ФИФА одреди дека телевизиите не смее да почнат со прикажување на рекалми во првите 20 секунди од судискиот свиреж за почеток на пауза, а преносот мора да продолжи најмалку 30 секунди пред почетокот на играта. Тоа значи дека телевизиските куќи ќе имаат две минути и 10 секунди за пренесување на рекалми.
Важна напомена е тоа дека ако рекламата се прикажува со слика од теренот, огласувачот на рекламата мора да биде официјален партнер на ФИФА.

