Светското првенство 2026 година веќе има 34 сигурни учесници откако вечерва својот пласман го потврдија Германија и Холандија. Европа треба да даде уште девет учесника, пет од квалификациските групи кои ќе се играат во вторник и четири репрезентации од плејофот кој ќе се игра во март следната година.
Преостанатите пет места ќе ги пополнат три репрезентации од Северна Америка, чии квалификации завршуваат ноќта вторник кон среда по македонско време, како и две репрезентации од интерконтиненталниот плејоф кој ќе се игра во САД непосредно пред почетокот на Мундијалот.
Веќе се познати и 12-те селекции кои ќе бидат носители во ждрепката. Тоа се трите селекции домаќини – САД, Канада и Мексико, потоа бранителот на трофејот, Аргентина, а неевропска селекција помеѓу овие 12 е само уште Бразил. Од Европа носители ќе бидат и Шпанија, Франција, Англија, Португалија, Холандија, Белгија и Германија.
Секако, Шпанија и Белгија сè уште немаат „виза“ за Мундијалот, но нема сомнеж дека тоа ќе го направат во вторник.



