Тотенхем денеска го понижи Манчестер јунајтед и го победи со 6:1 на „Олд Трафорд“. Лондонскиот тим уште во првото полувреме поведе со 4:1, а во вториот дел само го потврди убедливиот триумф. Проблем за Манчестер беше тоа што во средината од првиот дел Манчестер јунајтед остана без Марсијал, кој доби црвен картон поради удирање на противнички играч.
Домаќините се жалеа дека Марсијал само му врати на ударот на Ерик Ламела, но црвен картон доби само офанзивецот на Манчестер, а гостинскиот играч остана во игра. По завршување на мечот, тренерот на Тотенхем, Жозе Мурињо, потенцираше дека од Манчестер јунајтед никако не смеат да се жалат за одлуката со ВАР-системот затоа што Црвените ѓаволи имаат најмногу добиени пенали благодарение на ВАР-технологијата.
„Ако некој треба да плаче поради ВАР-технологијата, тоа е Тотенхем. Не само за оваа сезона, туку и за минатата. А ако има некој што никако не смее да плаче за одлуките на ВАР, тогаш тоа сигурно е Манчестер јунајтед. Игравме сјајно и заслужено победивме“, рече задоволниот тренер на Тотенхем, Мурињо.