Мурињо: Бонучи и Кјелини може да бидат професори на Харвард

Манчестер јунајтед не успеа на „Олд Трафорд“ да му даде гол на Јувентус и загуби со 0-1 во дербито од третото коло од Лигата на шампионите. Англискиот гигант делуваше немоќно на теренот, па иако ја имаше поддршката од трибините, гостите стигнаа до победата. По дуелот, тренерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо, го призна поразот, а имаше само пофални зборови за противникот, посебно за двајцата клучни играчи во дефанзивата на Јувентус.

„Господата Бонучи и Кјелини може да одат на Харвард и да предаваат за тоа како треба да играат централените дефанзивци. Имаат големо ниво на стабилност. Ако ја загубите топката, нема проблем, тука се Бонучи и Кјелини да коригираат. Фантастично, апсолутно фантастично. Јувентус е тим со многу искуство и многу е тешко да го победиш. Треба да се биде реален и да се признае дека тие се на различно ниво од нас. Немам забелешки за играта на мојот тим“, рече Мурињо по поразот од само еден гол во дуелот со Јувентус.

Сега на Манчестер ќе му остане да се бори за второто место во групата, каде што ривал ќе му биде Валенсија, бидејќи како што кажа португалскиот стратег, првото место е резервирано за Јувентус.

- Оглас -

Најнови вести