Жозе Мурињо нема да биде на клупата на Бенфика на реванш-мечот против Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“. Тоа стана јасно кога португалскиот стратег заработи црвен картон во финишот на првиот меч од нокаут-фазата во Лигата на шампионите.
Мурињо жестоко реагираше во 85-тата минута, кога бараше судијата да му додели втор жолт картон на Винисиус јуниор. Сепак, арбитерот не сметаше дека играчот на Реал треба да биде исклучен, па Мурињо „збесна“.
Специјалниот, како што е прекарот на Мурињо, жестоко реагираше кон судијата. Но, прво доби жолт, а веднаш потоа и црвен картон. По мечот, Мурињо беше многу директен во реакцијата, па дури упати и жестоки обвинувања дека арбитерот калкулирал со тоа кому може, а кому никако не смее да му даде жолт картон.
„Судијата имаше лист на којшто беа имињата на Чуамени, Хуијсен и Карерас. Тие не смееја да добијат жолт картон. Совршено добро знаеше кому смее, а кому не смее да му даде жолт картон. Сум поминал над 1.400 меча на клупата и совршено добро го препознавам тоа“, рече Мурињо.

