Мурињо е без осет: Го критикува Солскјер поради промените кои ги направи во Манчестер јунајтед

Жозе Мурињо очигледно не може да се помири со фактот дека откако тој беше избркан од Манчестер јунајтед, екипата игра феноменално и нема ниту еден пораз во Англија. Португалскиот стратег сега не работи во ниту еден клуб, но е стручен аналитичар на телевизијата БЕИН. При последното гостување на оваа телевизија, Мурињо ги анализираше тренерските промени кои беа направени во последно време во клубовите од Премиер лигата.

„Дали Фулам можеше да пронајде подобар тренер од Клаудио Раниери? Секако дека не. Дали може да го споредите неговото искуство со искуството кое го има неговиот наследник Скот Паркер? Никако“, многу јасно одговори Мурињо, кој не пропушти, а да не ја прокоментира и ситуацијата во Манчестер јунајтед.

„Меѓутоа во фудбалот, а таков е примерот со мојот поранешен клуб, доаѓа до моментални промени. Јас лично не верувам премногу во тие промени и нивната долговечност. Тие промени се моментални и понекогаш даваат позитивни резултати“, песимистички додаде Мурињо за работата на Солскјер во Манчестер.

Откако Мурињо во декември си замина од Манчестер, тимот три месеци реди само победи и по некое реми во Англија. „Црвените ѓаволи“ сега не само што не заостануваат со двоцифрена разлика во однос на екипите кои се борат за излез во Лигата на шампионите, туку гигантот од „Олд Трафорд“ е на посакуваното четврто место, со реални шанси да го стигне и третопласираниот Тотенхем. Сепак, и покрај ваквите позитивни промени во играта и резултатите на Манчестер, Мурињо реши да ја критикува работата на тренерот Оле Гунар Солскјер.

Единствениот пораз кој Манчестер јунајтед го претрпе со Солскјер на клупата е тој од Пари Сен Жермен во првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампиони, кога на „Олд Трафорд“ загуби со 0-2. Шанса за реванш против „светците“ Манчестер ќе има в среда, кога се игра реваншот во Париз, а францускиот првак сепак е голем фаворит за поминување во четврт-финалето од елитната лига на УЕФА.

- Оглас -

Најнови вести