Со само 14 бодови од 12 меча, Тотенхем е можеби најголемото разочарување во англискиот фудбал сезонава. Тимот кој пред само неколку месеци играше во финалето на Лигата на шампиони и беше на еден чекор од континенталниот клупски трон, сега се мачи во домашното првенство.
Поради лошите резултати, Тотенхем реши да го избрка тренерот Маурусио Покетино, а на негово место го доведе Жозе Мурињо. Португалскиот стратег по речиси една година се враќа во Премиер лигата. Лани беше на чело на Манчестер јунајтед, а сега има мисија да го врати Тотенхем меѓу најдобрите.
Дебито на клупата на новиот тим, Мурињо ќе го има денеска од 13:30 часот во мечот со кој стартува 13-тото коло во Премиер лигата. Тотенхем игра на гости против градскиот ривал Вест Хем на „Олимпискиот стадион“ во Лондон. Самиот Мурињо знае дека ќе има многу тешка задача посебно што доаѓа на местото на тренер кој во претходните пет години направи Тотенхем да биде клуб за респект.
„Се враќам по 11 месеци и воопшто не мислам дека тоа беа загубени 11 месеци за мене. Никогаш не можете да ја загубите ДНК, да го загубите идентитетот. Вие сте тоа што сте биле. Јас сум само човек. Имав само два дена да ги запознаам играчите и подготвен сум да им бидам поддршка. Тука сум за да му помогнам на целиот клуб и се надевам дека ќе успеам во тоа. Во овој клуб постои голем потенцијал, има одлилни играчи“, рече Мурињо.