Мурињо е виновникот? Погба да беше кај Гвардиола или кај Клоп, ќе беше најдобар

Некогашниот англиски голгетер Мајкл Овен верува дека главната причина поради која Пол Погба игра слабо, е тренерот Жозе Мурињо. Овен проценил дека начинот на кој Мурињо го предводи тимот, воопшто не му одговара на стилот на играта на Погба и затоа не може да покаже колку е добар.

„Според мене, Погба може да биде врвен фудбалер, но во друг клуб и со друг начин на игра. Се нервирам кога секој викенд го гледам, а знам дека може да биде многу подобар. Малку и го сожалувам бидејќи мислам дека начинот на којшто игра тимот и начинот на којшто тренерот ја води екипата, не даваат тој да го покаже најдоброто што го знае. Верувам дека тренерот треба да ја преземе одговорноста бидејќи системот на игра кој го форсира не е за Погба. Кога го гледате како игра Погба, имате чувство дека се работи за дете од 16 или 17 години кој сега учи фудбал. Погба да биде во тимот на Клоп или Гвардиола ќе биде еден од најдобрите фудбалери во светот, но сега тоа не може да се каже за него“, вели Мајкл Овен во својата анализа.

Овен во кариерата е еден од ретките фудбалери кои може да се пофали дека има настапувано за двата најтрофејни клуба во Англија. Од 1996 до 2004 година го носеше дресот на Ливерпул, а во периодот од 2009 до 2012 година беше на „Олд Трафорд“ во Манчестер јунајтед. В недела, двата најтрофејни клуба ќе играат во дербито на Премиер лигата на „Енфилд роуд“.

 

- Оглас -

Најнови вести