Заврши сонот на турскиот гигант Фенербахче да игра во Лигата на шампионите оваа сезона. На свој терен во Истанбул, Фенербахче имаше резултат од 1:0 против Лил во реваншот, со што ја анулира негативата од 2:1 по првиот меч, па мораше да се играат дополнителни 30 минути, односно продолженија.
Фенербахче голот со кој се избори за продолженија го постигна во 90+1 минута, и тоа како автогол на гостите, па се чинеше дека психичката предност е на страната на Турците. Сепак, гостите од Франција се стабилизираа и собраа сили да дадат гол, и тоа со играч помалку откако во 109-тата минута Манди доби директен црвен картон.
Во 116-тата минута беше досуден пенал за Лил, а Давид погоди за 1:1, што на крајот беше доволно за радост на гостите, кои продолжуваат во плејофот за пласман во Лигата на шампионите, додека Фенербахче, предводен од тренерот Жозе Мурињо, сега ќе мора да се фокусира на второто по ранг натпреварување на Стариот Континент, а тоа е Лигата на Европа.
По дуелот, токму Мурињо беше во фокусот на вниманието, а португалскиот стратег повторно коментираше во свој стил.
„Едниот тим заслужи да оди понатаму, а другиот тим се избори за место во следната рунда. Ја загубивме шансата да играме против најдобрите. Секако дека немаше да ја освоиме Лигата на шампионите, но можевме да победиме некои силни клубови од Европа. Сега веќе ја немаме таа можност“, разочарано коментираше Мурињо.
Португалскиот стратег вели дека сега фокусот е на дуелите од Лигата на Европа.
„Против Лил немавме ни среќа. Создадовме доволно шанси за да одиме понатаму, двапати ја погодувавме рамката од голот, а нивниот голман имаше три одлични одбрани. Тој беше играч на мечот. Нашиот голман Ливаковиќ на првиот меч имаше една одбрана, а сега ниеднаш не ја ни пипна топката. Ова не се оправдувања. Продолжуваме во Лигата на Европа. Сега ќе ја чекаме ждрепката. Можеме многу да направиме во тоа натпреварување“, констатираше Мурињо по елиминацијата на неговиот Фенербахче од квалификациите во Лигата на шампионите.