Жозе Мурињо знаел дека Интер ќе го победи Баерн Минхен, уште пред да почне финалето на Лигата на шампионите во Мадрид во 2010 година, бидејќи познавајќи го егото на колегата Луј Ван Гал, знаел како пристап ќе имаат баварците на тој меч.
Таа сезона Интер со Горан Пандев во тимот и со Мурињо на клупата, освои тројна круна, стана европски и италијански првак, а го зеде и Купот на Италија.
„Многу добро го познавав тренерот на Баерн. Знаев какво его има, инсистира да се игра според неговите идеи, и тоа беше предност за мене. Точно ги знаев нивните слабости, и дека откако ќе загубат топка, имаат проблем. Но, беа силни во нападот и моравме да ги запреме. Мислам дека тоа финале го добивме уште пред да почне. Стратешки бевме перфектно подготвени. Емоционално бевме во предност, тимот беше како семејство, имавме голема самодоверба. Таа пролет за 15 дена освоивме три титули и напишавме историја во италијанскиот фудбал“ – изјави Мурињо кој се потсети дека Диего Милито беше стрелец на головите во финалињата во ЛШ и Купот, а даде гол во победата од 1-0 против Сиена, со што станаа прваци и во Серија А.
Славјето било толку големо, што Мурињо не сакал да се врати во Милано, за да не се премисли и да одбие трансфер во Реал Мадрид.
„Не се вратив во Милано, бидејќи ако отидев на прославата, ќе беше многу емотивно и немаше да сакам да се преселам во Реал. Немав потпишано со Реал, но веќе бев договорен да заминам. Двапати да му кажете не на Реал Мадрид е многу тешко, трипати е невозможно. Сите што беа тогаш во Интер, ми останаа доживотни пријатели“ – додава Мурињо.