Сѐ поблиску сме до стартот на Европското првенство во Германија. Следниот петок во Минхен домаќинот ќе го отвори ЕВРО 2024 со мечот против Шкотска.
Фудбалските експерти и обложувалниците генерално Англија ја гледаат како најголем фаворит, иако Англичаните никогаш не ја освоиле титулата европски првак. Покрај нив, големи шанси добиваат и финалистите на претходниот Мундијал, Франција и домаќинот Германија.
Слично мислење има и португалскиот стратег Жозе Мурињо, кој и својата селекција ја смета меѓу најдобрите на ЕП.
„Би бил изненаден доколку има некакви изненадувања. Франција, Германија, Португалија и Англија се посилни од кога било. Тие четири селекции ќе се борат за титулата“, јасен е Мурињо.
Мурињо ја гледа Белгија како потенцијално изненадување, но не ги отпишува ниту Шпанците.
„Шпанија не ми влева доверба, но фудбалерите и тренерите што ги имаат се најквалитетни. Италија и Белгија би можеле да направат изненадување“, прогнозира Мурињо, кој смета дека Португалија е посилна од било кога било.
„Нема непочитување кон претходните генерации, но што се однесува до квалитетот и широчината на тимот, мислам дека ова е најдобриот тим на Португалија и тие би можеле да освојат сè. Не можам да кажам дека Португалија е најдобра, но Шпанија, Франција, Англија и Германија не се подобри“, подвлече Мурињо.