По двете победи против Шериф и Сервет, пласманот на Рома во следната фаза од Лигата на Европа е на повидок, па сега тимот ќе се фокусира на настапите во Серија А, каде што не им цутат розите.
Тренерот Жозе Мурињо поради суспензија, не беше на клупата на Волчицата, туку победата против швајцарскиот Сервет од 4-0 ја проследи од трибините. По мечот, го прашаа Мурињо зошто Рома има подобри резултати во Лигата на Европа отколку во Серија А, а одговорот беше во негов стил.
„Разликата е во противниците. Со цела почит кон Сервет и Шериф, но тимовите од Серија А се многу потешки ривали. Сите екипи во Серија А се посилни од овие два тима со коишто игравме во Лигата на Европа. Освоивме шест бода во Лигата на Европа, но тоа беше очекувано, дури и со промените во составот кои ги имавме. Кога играш против Сервет и Шериф, задолжително е да ги освоиш сите 12 бода од четирите дуела. Со Славија Прага ќе биде поинаку, тие се многу добар тим кој може да игра и во Лигата на шампионите“, рече Мурињо.