Манчестер јунајтед вечерва на својот „Олд Трафорд“ игра против Јанг бојс, во меч од Лигата на шампиони. Со евентуална победа, англискиот гигант може да си обезбеди место во нокаут-фазата. Токму затоа тренерот на „црвените ѓаволи“, Жозе Мурињо, потенцираше дека ова е средба која треба да се добие.
Ако во минатото Манчестер секогаш доминирал пред своите навивачи, сезонава игра очајно и има само три победи во сите натпреварувања, што е неверојатно малку. Јунајтед го победи Јанг бојс на гости, што значи дека сега само рутински треба да ја заврши работата. Мурињо потенцираше дека играчите ќе мора да покажат дека знаат како се победува пред својата публика, а доколку не го направат тоа, ќе следуваат санкции.
„Ако некој чувствува притисок кога играме на нашиот стадион, подобро е да остане дома. Не зборувам за нашиот спортски дом „Олд Трафорд“, туку дома каде што живее и спокојно нека гледа на телевизија. Не знам како може да чувствуваат притисок, а играме на свој терен, пред своите навивачи. Никогаш не ми се случило тоа“, вели Мурињо пред мечот со Јанг бојс.
Пред своите навивачи, Манчестер сезонава се радуваше само во дуелите со Лестер (2-1, Њукасл (3-2) и Евертон (2-1). Покрај трите победи, англискиот гигант има и четири ремија и два порази.